АНДОНОВСКИ, ЌУЛАВКОВА, ОСМАНЛИ: Македонски писатели бараат поништување на Годишната програма за култура

Потписниците на прогласот наведуваат дека во програмата нема ниту едно дело на автори, првенствено прозаисти, кои се потврдиле како носечк...

Потписниците на прогласот наведуваат дека во програмата нема ниту едно дело на автори, првенствено прозаисти, кои се потврдиле како носечки имиња на новите вредности на македонската проза, ни ракописи од некои од најпотврдените македонски авторски пера, со исклучок на неколкумина


Педесет и шест писатели подготвија проглас за заштита на достоинството на македонскиот писател и на македонската книжевност сметајќи дека со Годишната програма за остварување проекти од национален интерес во делот на издавачката дејност е уривање на писателското достоинство и деградирањето на книжевните вредности од страна на државата.

Тие бараат поништување на Годишната програма за 2017 година зашто сметаат дека одобрените проектите не се оценети според нивната книжевна вредност, туку според политички, па и бизнис-критериуми.

Во минатото се има случено повлекување и поништување на објавените одлуки за Годишната програма на Министерството за култура. Така, во 2007 година по барање на издавачите и писателите беше поништена објавената програма за издавачка дејност, откако тогашниот министер за култура Илиријан Беќири одлучи да формира нова комисија за издавачка дејност, која повторно ќе ги разгледа сите поднесени предлог-проекти во ресорното министерство.

Потписниците на сегашниот проглас велат дека во програмата нема ниту едно дело на автори, првенствено прозаисти, кои се потврдиле како носечки имиња на новите вредности на македонската проза, ни ракописи од некои од најпотврдените македонски авторски пера, со исклучок на неколкумина. 

- Додека нема средства за овие автори, има за превод на популарна книжевност, која иако може да функционира финансиски независно и нема потреба да се финансира од државата, од година во година влегува на сè поголема врата во програмата, со што најверојатно сме единствен пример на држава во светот што отворено, транспарентно, со буџетски средства финансира и поддржува тривијалност во книжевноста и отворено, јавно го поттикнува тоа како некаков образец за книжевна вредност - пишува во прогласот.

Незадоволни се и од тоа што се поддржуваат проекти од областа на преводната литература од издавачи кои, како што посочуваат, се потврдиле со најнеквалитетните книжевни преводи во изминативе две децении; средствата се централизираат кај исти издавачи секоја година, а се маргинализираат други, се маргинализираат периодичните публикации за книжевност, така што за некои не е одобрен ниту еден број иако постојат повеќе децении, македонските автори по бројност речиси се изедначени со оние од преводната литература.

-  Оваа програма е класичен пример како државата и политиката можат некомпетентно, безобразно и тенденциозно да се обидуваат да си поигруваат и со книжевната стварност. Но, овој пат, само да се обидуваат. Со оглед на тоа дека не можеме да дозволиме овој обид за обезличување и посрамотување на книжевната стварност од страна на мал број некомпетентни лица да успее, јавно бараме поништување на објавената Годишна програма за 2017 година - стои во прогласот. 

Потписниците, меѓу другото, бараат и утврдување јавно достапни, општоприфатени критериуми за одредување членови на комисијата што ги вреднува ракописите и издавачките проекти, промена на севкупниот концепт на утврдување на програмата, задолжително писмено образложение на секоја оцена на комисијата, задолжително намалување на вкупниот број издавачки проекти со кои може да конкурира еден издавач на Конкурсот за финансирање проекти од национален интерес, донесување единствени, општоприфатени критериуми за сите конкурси на државата што ги засегаат издавачките, односно книжевните проекти; целосна департизација на државните одлуки во областа на издаваштвото; подготовка на нова годишна програма по исполнувањето на барањата.

Povezani članci

vesti 863977652115836299

Popularno

Novo

BKG

Pretplatite se besplatno

item